
Видео снимката на која разговараат премиерот Зоран Заев и бизнисменот Иван Николов Сачевалиев , која е доказ во предметот „Поткуп“ ќе биде пуштена во целост на следното рочиште на кое ќе присуствува и јавоста, одлучи судијата Дарко Тодоровски на денешното рочиште. Тој одлучи да го прифати барањето на Заев и неговите адвокати снимката да биде пуштена на рочиште на кое ќе присуствува и јавноста.
-Извршувам висока политичка функција, а снимката веќе беше јавно објавена. Но објавени беа само делови, а не целосниот видео материјал. Ќе го замолам судот за јавна презентација на овие снимки, бидејќи само на тој начин ќе можам да повратам дел од мојата изгубена чест и углед која е нарушена со објавување на видео материјал кој не требало да излезе во јавноста- рече во судница премиерот Заев.
Судењето беше одложено поради зафатеност на големата судница во која се суди случајот за нападот врз Зијадин Села, а која е единствената со техничка можност за презентација на ваква снимка. Целосната снимка во случајот „Поткуп“ ќе биде пуштена на следното рочиште закажано за 26 март.
На денешното рочиште во судница требаше да се појави и клучниот сведок Иван Николов, но судијата Тодоровски рече дека тој утрово се јавил во судот и ќе биде повикан во судница на следното закажано рочиште. Тој на претходното рочиште не дошол оти не бил уредно поканет.
Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од околу 160.000 евра од Сачевалиев за легализација на градежно земјиште.