Угина последниот мажјак од северниот бел носорог

Последниот машки примерок од северниот бел носорог на светот угина во Кенија, соопшти тамошната организација којашто се грижела за него, со што светот остана на уште само две женки од овој вид.

Разерватот OI Pejeta Conservancy соопшти дека морал да донесе одлука во понеделникот да го евтанизира Судан, поради неговата здравствена состојба којашто сé повеќе се влошувала. Со своите 45 години овој носорог бил под постојан лекарски надзор поради неговата возраст.

„Неговата состојба во последните 24 часа драстично се влоши, не можеше да стои и многу се мачеше. Поради тоа ветеринарскиот тим одлучи да го евтанизира“, соопшти споменатата организација.

Носорогот Судан е роден во државата Судан, живеел во зоолошка градина во поранешната Чехословачка, а потоа е префрлен во Кенија каде што живеел со последните две женки од неговиот вид, 27-годишната Наџин и 17-годишната Фата.

Обидите природно да имаат потомство не успеаја, па дури беше започната акција на собирање средства за да се направи обид да се продолжи видот со вештачко оплодување.

Кениските власти го чуваа Судан под посебен режим во страв од криволовците, па дури и му отстранија еден рог за да биде помалку привлечен за илегалните трговци со овој трофеј инаку на азискиот пазар сé повеќе баран материјал за дизајнирани предмети од домаќинството.

По евтаназијата на носорогот, ветеринарите земале генетски материјал од Судан, а експерите се надеваат дека ќе може да биде клониран.
Белиот северен носорог тежи до 2.400 килограми и е третото најголемо животно на африканскиот континент, по слонот и нилскиот коњ.