
ВМРО-ДПМНЕ е за развивање на добрососедски односи со Грција, базирани на искрено пријателство и меѓусебно почитување, но решението за кое преговара македонската влада треба да ги запазува државните и националните интереси, изјави претседателот на партијата Христијан Мицкоски на средбата со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас.
-Македонија и Грција треба да имаат заеднички интерес за засилена соработка во многу полиња кои се од интерес на граѓаните од двете држави, на економски и политички план. Македонија мора да продолжи со својата евроатланска агенда и процесот да биде одблокиран. Тоа ќе придонесе и за интеграција и стабилизирање на регионот преку засилена соработка во рамките на глобалните структури кон кои тежнее Република Македонија и природно припаѓа- рече Мицкоски.
На средбата од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше изразена загриженост за одредени чекори во грчкото општество кои иритираат и поттикнуваат негативи чувства кон Република Македонија и истите не се од помош на целокупниот процес.