
Обвинителството поднесе обвинение против 30 лица за настаните кои се случија во Собранието на 27 април кога беше извршен упад во Собранието и беа нападнати пратенции, новинари и собраниски службеници. Од вкупно 35 осомничени обвинението е поднесено против 30 лица, за четири лица е прекината постапката бидејќи не се достапни за органите на прогонот. За пратеничката Жаклина Пешевска постапката е запрена бидејќи обвинителството не нашло докази дека сторило кривично дело.
За терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста се обвинети 28 лица, а двајца од обвинетите, припадници на МВР, се обвинети за помагање во извршување на ова дело. Тие одзеле два хард дискови за да ги прикријат трагите од насилниот упад во Собранието. Истрагата утврдила дека во организирањето на настаните од 27 април во Собранието биле вклучени одреден број засега непознати лица за кои истражните дејства продолжуваат во ОЈО.
Според Јавниот обвинител, Љубомир Јовески обвинетите се виновни за кривичното дело кое им се става на товар „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
– Обвинителството е уверено во оваа правна квалификација и докази со кои располага. Во судската постапка претпоставувам тоа ќе биде оспорувано, но уверен сум дека Обвинителството ќе докаже дека во дејствијата на обвинетите се содржани кривичните дела кои им се ставаат на товар- рече Јовески.
Според обвинението, откако телефонски се координирале, обвинетите петмина пратеници, заедно со тројца службени лица од обезбдувањето на Собранието отвориле две влезни врати и ги отстраниле металните греди со што им овозможиле влез на лицата со фантомки и на насобраните граѓани во законодавниот дом.
Додека траело насилството во прес-центарот и нападот од страна на обвинетите, еден од нив се насочил кон оштетениот пратеник Зоран Заев, посегнал по пиштол што го носел со себе, но не испукал затоа што оштетениот бил заштитен од обезбедувањето и присутните лица.
Додека вршеле напад, обвинетите, според обвинението ги користеле сите можни предмети до кои дошле за да им нанесат физички повреди на оштетените пратеници и новинари, а поставиле и две импровизирани експлозивни направи под работните бироа во две канцеларии.
По поднесување на обвинетелниот акт Кривичниот совет треба да одлучи дали ќе го прифати обвинението.