
Со понудениот текст на закон за високо образование јасно е дека власта и ресорното министерство за образование и наука посегнуваат по автономијата на Универзитетот и со овој текст се става рака на автономијата на Универзитетот, се наведува во ставот на Студентскиот парламент при Универзитетот Кирил и Методиј за понудениот текст на закон за високо образование
„Наводно се бореа за зачувување на АВТОНОМИЈАТА на универзитетите, а сега на најбрутален начин се руши студентската автономија и организирањето на студентите“, се истакнува меѓу другото во реакцијата.
Од СПУКМ посочуваат дека изборите за студентските претставници на факултетстките студентски собранија ги распишува деканот наместо самите студенти и оти на новото тело Универзитетско студентско собрание се наметнува ДЕЛЕГАТСКИ систем на гласање, односно 44 студенти одбрани од факултетските студентски собранија да одлучуваат кој ќе биде претседател.
„Идејата со ова очигледно им е да не’ вратат години наназад или во претходниот систем, кога функционираше делегатски систем. Велеа дека секој што сака ќе може и да се кандидира за претседател без никакви ограничувања. Во новиот закон ова го нема. Предвидено е новиот претседател да се бира од редот на студентското собрание, односно од 44 лица, а не на непосредни избори“, се додава во реакцијата.
Студентскиот правобранител, пак, кој треба да ги штити правата на студентите, како што забележуваат, со предлогот наместо да биде избран од студентите, тој ќе се бира на седница на универзитетскиот сенат и на сенатот ќе треба да му поднесува извештаи за неговата работа.
„Се отвара прашањето, на кого треба да му служи студентскиот правобранител, на студентите или на професорите?! Ние како Студентски парламент до крај ќе се бориме за правата на студентите и автономијата на Универзитетот“, се заклучува на крајот од реакцијата на студентите.