
Владата на Еквадор на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, кој живее во амбасадата на оваа јужноамериканска држава во Лондон, му го прекина интернетот, за да му оневозможат комуникација со лица надвор од амбасадата.
Во соопштението на владата на Еквадор се наведува дека оваа мерка е преземена како одговор на неговите неодамнешни активности на социјалните мрежи.
Според договорот постигнат со владата на Еквадор, на Асанж не му е дозволено да испраќа било какви пораки кои би можеле да претставуваат мешање во односите на оваа јужноамериканска држава со другите земји.
Ова следи откако Асанж во понеделникот го користеше Твитер за да ги оспори обвинувањата на Велика Британија дека Русија е одговорна за труењето со нервен агенс на поранешниот руски и двоен шпион, Сергеј Скрипал на 4 март во англискиот град Солзбери.
Асанж ја доведе во прашање и одлуката на Велика Британија и на повеќе од 20 земји да протераат руски дипломати сметајќи ги за шпиони.
Коментарите го предизвикаа британскиот министер за надворешни работи Алан Данкан да го нарече Асанж „мизерен мал црв“ кој треба да ја напушти амбасадата и да се предаде на британските власти.
-Како политички затвореник притворен без обвинение 8 години, со прекршување на 2 пресуди на ОН, претпоставувам дека морам да биде „мизерен“; иако нема ништо лошо да си „мал“ човек сепак сум прилично висок и подобро „црв“, здраво суштество кое ја оживува почвата, отколку змиј- му одговорил Асанж.
Асанж живее во амбасадата на Еквадор во Лондон речиси шест години , откако еквадорските власти му доделија азил со цел да избегне екстрадиција во Шведска поради обвиненијата за силување и можноста потоа да биде префрлен во САД, кои го бараат поради информациите што ги објави Викиликс.