
Тетовци можеби пак ќе гласаат за избор на советници на Општина Тетово ако најдоцна до 31 март, односно до сабота не се избере претседател на Советот на општината, пишува порталот „Газета Експрес“.
Според извори на кои се повикуваат од медиумот, ситуацијата се искомплицирала уште на почетокот на декември 2017 година, кога се покажа како нефункционална коалицијата ДУИ-ДПА, при што кандидатот на ДПА, Аднан Билали, не беше изгласан за претседател на советот.
Во текот на вчерашниот ден, според информациите за порталот „Тетова 1“, се растурила коалицијата помеѓу ДУИ и ДПА на локално ниво.
Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, денеска во 14 часот ги повикала сите координатори на политичките партии да најдат решенија до петок. Во спротивно ќе се оди на изборите за листи на општински советници.