Донација од ОБСЕ за Центарот за обука на МВР

Донацијата во опрема од ОБСЕ за Министерството за внатрешни работи денеска е предадена во Центарот за обука на МВР. Вкупната вредност на донацијата е околу 44.000 евра.

-Денешнава донација за потребите на организациските единици при МВР, не е прва, а верувам – ни последна, во нашето партнерско портфолио. Наша визија е да воспоставиме систем што целосно ќе биде втемелен врз легалистичките принципи на работа и постапување, градење на вредности што ќе ја реафирмираат улогата и местото на полицијата во системот, во општеството, во локалните средини, меѓу граѓаните.  За таа цел, убеден сум дека еден од клучните партнери, меѓу другите е токму и мисијата на ОБСЕ, со сето свое искуство и професионален бекграунд, особено во поглед на полициското работење, на полициските процедури и стандарди на постапување, рече министерот Оливер Спасовски.

Амбасадорката Нина Сумалаинен, како што соопшти МВР, рече дека долги години Мисијата на ОБСЕ го поддржува МВР во зајакнување на институционалните капацитети.

-Ние како мисија презедовме и неколку иницијативи за приближување на полицијата кон граѓаните. Во тој поглед би ги споменала канцелариите за прием. Тоа е првото нешто што граѓаните го гледаат при влез во полициската станица, рече Сумалаинен.