
Грчкиот фудбалски сојуз му одзема три бода на ПАОК, а неговиот газда, Русинот со грчко потекло, Иван Савидис го суспендираше на три години поради тоа што со пиштол на појасот упадна на теренот пред крајот од мечот ПАОК – АЕК, кој беше прекинат.
Според одлуката на сојузот, Русинот три години нема да смее да има никаква функција во фудбалот, ниту да присуствува на фудбалските натпревари. Тој ќе мора да плати и парична казна од 100.000 евра.
На пет кола до крајот на ПАОК му се одземени три бода па сега заостанува пет бода зад атински АЕК. ПАОК веќе 29 години ја брка титулата, а ќе одиграат и три натпревари без публика. И ПАОК ќе мора да плати парична казна која изнесува 63.000 евра, а наредната сезона ќе започне со минус два бода.
Инцидентот кој настана поради поништениот гол на ПАОК во судиското продолжение на големото дерби против АЕК сега добива епилог. Паузата од две недели за репрезентативен фудбал добро му легна на грчкиот фудбалски сојуз кој во мир одлучил што и како понатаму.
Савидис во меѓувреме се извини за тоа што го направил и изјави дека неговата цел била да спречи големи нереди и упад на навивачите испровоцирани од судиските одлуки кои би направиле хаос.