Унгарија одобрила дозвола за престој на Сириец под санкции од САД

Сириец кој е под американски санкции обвинет дека ја помага сириската влада добил дозвола за престој во Унгарија, објавуваат унгарските интернет изданија.

Порталите Direkt36 и 444.hu објавија во средата, повикувајќи се на неименувани извори, дека Унгарија му одобрила дозвола за престој на Атиј Кури, кого САД во 2016 година го обвинија дека плаќал набавки на горива за сириската влада.

Дозволата за престој ја добил според програмата започната во 2013 година којашто гарантира привремен престој најмалку пет години за странци коишто ќе купат унгарски државни обврзници во вредност од 300.000 евра. Унгарија оваа програма ја запре минатата година.

Унгарската влада тврди дека националните безбедносни служби темелно ги провериле сите лица коишто на овој начин добиле дозволи за привремен престој во земјата.