
Цврстите ставови испливаа на површина, иако средбата во петокот во Виена започна со голем оптимизам и насмевки, а заврши со проблемите кои сѐ уште стојат на преговарачката маса.
По седумчасовна средба во австриското министерство за надворешни работи шефовите на македонската и грчката дипломатија излегоа со изјави дека се отвораат тешките прашања, додека специјалниот пратеник на ОН. Метју Нимиц останува оптимист но со јасна порака дека има тешкотии на кои треба да се работи.
„Ова беше една од серијата средби, за да помогнеме во решавање на таканаречениот проблем со името. По целодневните разговори, можам да кажам дека средбата беше продуктивна, што прави да бидеме оптимисти за иднината. Истовремено, се одвиваа и средби на дипломати и експерти од обете земји, кои работеа на некои контроверзните аспекти на договорот, со особен фокус на идните односи меѓу двете земји, каде исто така беше забележан напредок. Предвидени се серија средби и во иднина, и без да дадам какви било детали, адресирани се тешките прашања, за кои и натаму треба да се најде решение. Имам позитивно чувство, и двајцата министри се фокусирани на долгорочните односи, на стабилноста во регионот, на важноста од добри односи меѓу двете држави, со надеж дека ќе продолжиме да работиме на мошне позитивен начин“, истакна медијаторот Метју Нимиц.
На трилатералната средба од која денес се очекуваше многу се разговарало за сите отворени прашања
.„Разговаравме за сите отворени прашања, за целиот пакет. Можам да кажам дека направивме условен прогрес, условен напредок, бидејќи како одиме напред така доаѓаме и до тешките прашања и мислам дека и од нашата страна и од нивната страна имаме доста за размислување и за мерење. Работевме по логиката што е тоа што е најважно за Република Грција, што е тоа што е најважно за Република Македонија и дали можеме во компромисот кон којшто се движиме да ги покриеме двете работи. Меѓутоа, не зачудува што колку поотворено, поконкретно чекориме кон решение, така и тешкотиите излегуваат сѐ повеќе на виделина“, рече Димитров.
Ставот на Грција е добро познат, а тоа е сложено име со географска одредница за севкупна употреба промена на македонскиот Устав. Димитров, пак, има став дека за Македонија не е прифатлив предлогот за слеано име без превод и е против промена на идентитетот и јазикот.
„Ако целта на разговорите е да се најде достоинствена дистинкција меѓу Македонија и регионот во Грција – тоа е можно, но ако е целта да бидат Македонците и македонскиот јазик избришани – нема да има решение“, кажа шефот на македонската дипломатија непосредно пред заминувањето.
Надеж дека на следната средба ќе постои подготвеност да се направи следниот чекор, изрази шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, по средбата во Виена, во изјава за грчката државна телевизија ERT.
„Постои поклопување за методот на кој ќе го решиме прашањето, во детали запишавме што е она за што се согласуваме, а за што не се согласуваме. Ги имаме одбележано главните прашања за секоја страна и се на надевам дека на нашата следна средба ќе бидеме подготвени да направиме еден голем чекор“, рече шефот на грчката дипломатија.
Коѕијас додаде дека паралелно со разговорите за името, направена е и позитивна
агенда за во иднина, за соработка на двете држави, „доколку, како што се надевам, се реши името“.
Во однос на тоа дали е планирана следна средба, Коѕијас вели дека за „сите неопходни чекори постојат планови и договори“, без да открие кои се плановите за во иднина.
По денешната средба изгледите се дека целокупните позитивни очекувања засега се потпираат само на политичката волја, проблемите допрва ќе се решаваат. Преговорите денеска иако во „Духот на Виена” изгледа како да не донесоа ништо ново.
Денешната средба на шефовите на дипломатиите со медијаторот Нимиц се одржаа во австриското министерство за надворешни работи поради католичкиот Велигден и неработните денови во седиштето на Обединетите нации во Виена. Допрва ќе се очекуваат нови средби и разговори.