Според Заев рано е да се дебатира за прогресивен данок

Според премиерот Зоран Заев е премногу рано да се развива дебатата што ја отвори во јавноста по најавата на министерот за финансии Драган Тевдовски за прогресивен данок, односно за оданочуивање од 18 проценти на приходите над 1.000 евра.

– Министерството за финансии треба да излезе со  податоци, да ги презентира, да даде доволно влезни аргументи па да почне дебатата. Реформата во персоналниот данок е владина програма,  а ако е владина програма таа ќе се спроведе. Целта е да се постигне ефект и благодает, а суштината е да постигнеме фер и правично општество – објасни Заев.

Според него не е фер граѓанин со 10.000 денари  приход  и тој со 10.000 евра плата да плаќа ист данок.

Тој појасни дека давачките  на работодавците  треба да бидат издржани, да не дестимулираат миграции надвор од државата, но не го кажа својот став за предлозите, зашто како што рече, нема да има дебата ако премиерот се изјасни сега каков е неговиот став.

Заев најави дека паралелено се размислува за воведување на донок на добивка од три проценти за компаниите од информатичката технологија, за да може дополнително да се мотивираат  големи компании да инвестираат во земјата.