
Поголема група лица во саботата со своите возила му го пресекле патот на автобусот кој се движел од скопското село Студеничани, а потоа го претепале возачот кој завршил во болница.
Вчера околу 18.20 часот на влез во селото Студеничани, по претходно недоразбирање околу сообраќаен прекршок меѓу возач на автобус бр.67, 36-годишниот А. Д. од Скопје и непознати лица со патничко возило „пасат“ со скопски регистарски ознаки, лицата му упатиле закани на А.Д.
Околу 18.55 часот, кога возачот со автобусот почнал да се движи од Зелениково кон Транспортен центар, пред автобусот се испречиле патничко возило „шкода Фелиција“ и џип – непозната марка, од кои излегле повеќе лица, и со употреба на сила ја отвориле вратата од автобусот, влегле внатре и го нападнале возачот.
А.Д. бил пренесен во Градска општа болница „Наум Охридски“. Двајца од напаѓачите, Е.Ф. (25) и А. Г. (24) од Зелениково, се пронајдени и приведени во Полициската станица -Драчево. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.