
Поранешниот премиер Никола Груевски по денешното рочиште за случајот „Титаник“, кој беше одложен поради барање на одбраната, изјави дека се чуствува притисокот врз судиите со кршење на правата на обвинетите судејќи им без право на одбрана.
Судењето се одвиваше во новата зграда на Основниот суд Скопје 1. Освен Груевски, обвинети се поранешениот шеф на неговиот кабинет, Мартин Протугер, како и екс министрите Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, поранешниот генерален секретар на владата и на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски и уште петнаесетина други лица.
– Имам три часа да прочитам десетици илјади страници. На тоа судијата немаше одговор. Судијата е под притисок. Денеска прва вест во медиумите е „Титаник“, а втора вест е „името“. Секој ден сме на рочишта без да ни се даде право на одбрана. Во тренд е за се’ да бидам обвинет. Дневно измислуваат по две, три работи за да не се говори за друго-Груевски.
Тој заедно со останатите обвинети во предметот на СЈО, „Титаник“, кој се однесува за изборни нерегуларности,ќе има време до 12 април да изврши увид во целокупната доказна документација на 25.000 страници, поради што беше одложено денешното рочиште.
Судијата Осман Шабани ги прифати барањата на обвинетите да се одложи рочиштето бидејќи не успеале да направат увид во целокупниот доказен материјал, но не ги уважи реакциите на адвокатите дека се велигенски празници па нема да има доволно време за тоа.
Пред судот се обрати и екс министерот Миле Јанекиески кој истакна дека не може да стаса до 12 април да ги види доказите бидејќи имал други судења, па му останувале само два дена да направи увид.
Некои од адвокатите поднесоа и приговори за отфрлање на бомбите како доказ во судењето.
Обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, рече дека изјавите на адвокатите не се точни бидејќи уште во периодот на истрагата прибирала докази и фаза по фаза им доставувала цедеа и списи. Таа рече дека некои од адвокатите што тогаш им биле застапници на обвинетите имале можност да направат увид.