Клоп го сака Касиљас во „Ливерпул“

Легендарниот шпански голман, Икер Касиљас е на мета на „Ливерпул“, кој се надева дека летово ќе го донесе во своите редови, пишува шпанскиот весник „Спорт“.

На Шпанецот на 30 јуни му завршува договорот со „Порто“ и тој веројатно нема да биде продолжен, па на „Енфилд“ би се преселил како слободен агент.

„Ливерпул“ се сретна со „Порто“ во осуминафиналето на Лигата на шампионите, а во натпреварот во Португалија, Англичаните го торпедираа со 5:0, но Касиљас не беше на голот. Тој настапи на реваншот во Ливерпул и ја сочува својата мрежа.

Тренерто на „Ливерпул“ , Јирген Клоп е во потрага по голман откако не е задоволен со учинокот на своите двајца голмани Лорис Кариус и Симон Мињоле кои не ја оправдуваат неговата доверба.

За Касиљас постои интерес и од тимови од американската МЛС Лигата и од Кина, но се верува дека ветеранот ќе ја избере понудата на Ливерпул иако таа ќе биде значително пониска од другите.