
Српскиот стратег Жељко Лукајиќ повеќе не е тренер на екипата на МЗТ Скопје, откако денеска побарал да му биде раскинат договорот. Клубот од Аеродром информираше дека Лукајиќ си заминува поради приватни причини и дека е направен спогодбен раскин на договорот.
Лукајиќ во МЗТ дојде лани во декември, како наследник на Александар Тодоров и оствари скор 11-3 во домашното првенство, додека во АБА-лигата имаше учинок од 11 порази и една победа.
Србинот во ризницата трофеи го додаде и пехарот во Купот на Македонија освоен во феверуари на завршниот турнир во Кавадарци.
На клупата ќе го наследи досегашниот прв помошник, Ѓорѓи Кочов (33), кој ја доби довербата од управата на клубот и ќе го предводи тимот и следната сезона.
Кочов е поранешен селектор на македонската јуниорска репрезентација, а кон крајот на минатата година пристигна во редовите на МЗТ Скопје од градскиот ривал Вардар.