Роналдо го нокаутираше „Јувентус“, „Баерн“ со пресврт до победа во Севиља

Кристиајно Роналдо со брилијантна партија го нокаутираше „Јувентус“ во Торино па „Реал“ практично се пласираше во полуфиналето од Лигата на шампионите, а на чекор до наредното коло е и „Баерн“, кој славеше со 2:1 во Севиља. Реванш натпреварите од четвртфиналето се играат во среда.

Извонреден натпревар одиграа Шпанците и Италијанците на „Деле Алпи“, иако, според резултатот, не изгледа така. „Јувентус“ не ги искористи своите шанси, а во неговата мрежа завршија речиси сите удари на „Реал“ упатени кон голот. За „Јувентус“ не настапи плејмејкерот Миларем Пјаниќ, а не беше стартер ниту Марио Манџукиќ.

Домаќините рано доживеаја шок, откако Роналдо во третата минута ја затресе мрежата по асистенција на Иско. За голот е виновна одбраната на Италијанците кои го оставија Португалецот сам пред голот, а тој биеше извонредно во левиот агол на голот. Рано примениот гол не внесе паника во редовите на „Старата дама“, кој брзо се опорави и почна да создава шанси, од кои најзрелата на Игуаин, кој биеше со глава од пет метри, но Навас одлично одбрани. Во второто полувреме „Реал“ прв дојде до прилика за гол, а реализираше Роналдо со ножички во 53 минута, по грешка на одбраната и извонредната одбрана на Буфон. На голот аплаудираа и најверните навивачи на „Јувентус“, кој им отпоздрави. Мечот беше решен во 66 минута кога Јувентус остана без играч помалку, откако Дибала беше исклучен поради втор жолт картон. Конечниот резултат го постави Марсело, на асистенција на Роналдо, пак по грешка на одбраната на Јувентус, која подзастана очекувајќи судијата да свири офсајд.

Роналдо вечерва со двата гола има скор од 15 погодоци сезонава во ЛШ, а стана единствен фудбалер во историјата на лигата кој погодил на десет натпревари во низа.

Фудбалерите на „Баерн“ по пресврт славеа во Севиља и обезбедија мирен реванш во Минхен за осум дена.
Натпреварот на „Рамон Санчез Писхуан“ започна со отворена игра на двете екипи, која донесе многу тензии и два жолти картони по само 15 минути. Прв беше опоменат искусниот Франк Рибери, откако грубо стартуваше врз Нзонзи, додека неколку минути подоцна „пожолте“ Кореа, заради симулација во казнениот простор на Баварците.

Првото вистинско возбудување пристигна во 20. минута кога колосална шанса за водство на Севиља пропушти Пабло Сарабија. Десното крило на шпанскиот тим можеше да бира каде да шутира, но упати непрецизен удар, кој заврши покрај голот на Улрих. Домашните фудбалери продолжија со офанзивната игра, а тоа вроди со плод во 32. минута, кога  Сарабија ја искористи заспаната баварска одбрана и со прецизен удар го совлада немоќниот германски чувар на мрежата.
Сепак, радоста на Андалузијците траеше само пет минути, бидејќи искусниот Навас сакајќи да ја отстрани опасноста пред својот гол несреќно ја смести топката зад голот на Сорија за 1-1, резултат со кој се замина на одмор.

За разлика од првиот дел на стартот од второто полувреме играта спласна, двете екипи како да не сакаа многу да ризикуваат и не се осмелија посериозно да го нападнат противничкиот гол. Во ваквата трпелива и тактична игра подобро се најдоа фудбалерите на Јуп Хејнкес, кои во 68. минута за првпат на овој меч стигнаа до водство. Франк Рибери центрираше во срцето на шеснаестерецот на „Севиља“, а на топката налета Тиаго Алкантара и со ефектен удар со глава донесе молк на „Рамон Санчез Писхуан“ и позитива на својата екипа од 1-2.