Пиљаковски ќе бара одговорност од Агенција за млади и спорт за злоупотребата на идентитет

Даниел Пиљаковски од Ресен, момчето чиешто име беше злоупотребено на Конкурсот на Агенцијата за млади и спорт, целиот случај го пријавил во полиција, потврди неговиот адвокат Ристо Алексовски.

Тој објасни дека ќе се бара увид и на целосната документација од Агенцијата за Млади и спорт за водењето на конкурсот бидејќи е нејасно како е спроведена целата процедура без документи за идентификација, а дополнително и ќе се бара одговорност од надлежните.

Адвокатот објасни дека младиот Даниел е злоупотребен од страна на Александар Блажевски бидејќи неговиот клиент  нема ништо потпишано, а според тврдењата на Даниел можеби и потписот му е и фалсификуван в о рамките на проектот финансиран од Агенцијата за млади и спорт, а чиј е уредник е директорот на Агенцијата, Дарко Каевски.

Александар Блажевски од Јанковец, Ресен, претходно јавно призна дека тој е автор на спорните песни објавени во збирката поезија „Млади поети“.

– Признавам дека јас напишав, но тоа се само песни, не се политички колумни ниту обвиненија за конкретни учесници. Тие се само опомена за моралните недостатоци во едно општество, една од најважните цели на литературата, за да биде ангажирана и да има општествена смисла – вели Блажевски.

Според тоа што тој пишува на Фејсбук, Блажевски со песната „Партиски вработена“ им се одмаздува на жените.

– Јас сум лице што неколку пати „папал корнишон“ односно иако со најголем академски успех, било елиминирано на универзитетски или администрациски конкурси за вработување, и тоа постојано во корист на женски противкандидатки кои биле партиски вработени. Нели требало да се одмаздам некако, ако не со пушка, барем со песна? – вели Блажевски.

Некои го опишуваат Блажевски како генијалец по математика и физика, асоцијален и секогаш со силна желба да зборува вулгарности. Бил вработен и како наставник во основно училиште. Сега, како што е објавено на неговиот профил на Фејсбук, работи хонорарно во Општина Ресен.

Инаку, како автор на скандалозните песни со недолична и дискриминаторска содржина е потпишан Даниел Пиљаковски. Тој претходно рече дека Блажевски аплицирал на конкурсот во негово име. Причината била тоа што учесниците не требало да се постари од 29 години, а Блажевски не го исполнувал тој критериум.