(Видео) Пеколен пречек на „Сити“ во Ливерпул

„Манчестер Сити“ вчера беше декласиран во Ливерпул, откако домашниот тим му одржа вистинска лекција по фудбал и за само 30 минути постигна три гола. Иако „Ливерпул“ годинава е најефикасна екипа во Лигата на шампиони, никој не очекуваше така убедлив пораз на „граѓаните“.

Сепак, многумина мислат, дел од нив на шега, дека случувањата пред почетокот на мечот на „Енфилд роуд“ дополнително им влеа страв на избраниците на Пеп Гвардиола. Голем број на фанови на „Ливерпул“ се собраа пред стадионот и во моментите кога поминуваше автобусот на „граѓаните“ кон него се фрлаше со факли, чадни бомби и чаши.

Пеп Гвардиола не го криеше разочарувањето од конечниот резултат од првиот четвртфинален дуел во Лигата на шампионите, но покрај тоа што не бараше изговори за она што се случи на теренот, беше критички настроен за она што се случуваше во воведот на мечот.

https://youtu.be/F9rrOfmEwWM

Секогаш се обидуваме да ги избегнеме овие ситуации. Искрено, не го очекував ова од Ливерпул. Пред една година се случи нешто слично во Дортмунд и знаеме како заврши. Не ги разбирам овие ситуации. Не се случи ништо посебно и немаа никакво влијание, освен тоа што ни го уништија автобусот, истакна Гвардиола.

Според него, проблемот бил во тоа што Ливерпул од двете први шанси постигнале два гола.

Првиот гол беше грешка, вториот беше фантастичен. Во второто полувреме добро реагиравме. Ни требаше ден гол, но не го постигнавме. Нема смисла да се негира дека ќе биде тешко да се вратиме во игра, но имаме уште 90 минути, рече Гвардиола.

Јурген Клоп, пак, нормално бепе презадоволен од играта и резултатот на својот тим.

Првото полувреме беше брилијантно. Одигравме онака како што треба да се игра фудбал. Знаевме за квалитетите на „Сити“, но во исто време бевме свесни и за нашите. Одлично ги браневме нивните додавања. Во реваншот ќе бидеме без Хендерсон поради жолти картони.По натпреварот Салах ми рече дека се чувствува добро, но дополнителните прегледи ќе ја покажат сериозноста на неговата повреда, изјави Клоп.