Анима Мунди ќе поднесе пријава против ловџиите во Јасен

Анима Мунди, Здружението за заштита на животните, ќе поднесе пријави против инволвираните ловџии согласно Законот за ловство и очекуваат најстрога казна за прекршување на периодот за лов над дивите свињи во државното и ВИП ловиште Јасен.

Во саботата на 31. март, за само неколку часа се отстрелани 57 диви свињи, од кои 21 трофејна, иако ловот на крупен дивеч  во ловиштето „Јасен“ завршува  заклучно со 31. Јануари . Дел од ловџискиот тим за „масакр“  биле и Хари Костов (поранешен премиер  и министер во МВР), Нано Ружин (поранешен амбасадор) и Бранко  Бојчевски  (поранешен директор на Бирото за јавна безбедност). За своето задоволство групата ловџии платиле само 2400 евра, дознава Нетпрес.

Го пренесуваме нивниот статус објавен на Фејсбук  во целост:

 „ Ловот е спореден облик на човечка умоболност“  – Теодор Хојс, политичар

Збор, два за психопатологијата на наоружаните кукавици во Македонија: Во саботата на 31. март, за само неколку часа се отстрелани 57 диви свињи, од кои 21 трофејна, иако ловот на крупен дивеч во ловиштето „Јасен“ завршува заклучно со 31. јануари. Дел од ловџискиот тим за „масакр“ биле и Хари Костов (поранешен премиер и министер во МВР), Нано Ружин (поранешен амбасадор) и Бранко Бојчевски (поранешен директор на Бирото за јавна безбедност). За своето задоволство групата ловџии платиле само 2400 евра, пишува порталот Нетпрес.

Амбиент од штотуку масакрирани 57 интелигентни и свесни живи битија, мирис на крв е нешто што предизвикува на секој нормален човек да му се згади. Но не и на наоружани до заби насилници умствено заглавени некаде таму во пештерско доба, кои во убивањето и смртта на послабите доживуваат своевидна екстаза, чувствуваат доминација и сила; задоволство – нас не би не чудело – слично на онаа при сексуално доживување.   *

Довчерашните високи политичари не се сликани како уживаат во природа бидејќи очигледно тоа  им причинува далеку поскромно задоволство; фотографирани се  со убиени животни кои живееле во оградена површина, без моќ да се заштитат и избегаат; кои биле убиени од забава како лесен плен и за чија хајка и смрт горенаведените имале пари да платат.

Порачуваме – цивилизиран човек е само оној кој има почит кон сите живи битија, а не оној кој ги деградира нивните живеалишта, им упаѓа во животната и природна територија, наоружан до заби  се сили и  убива. Ако го сметаат ловот за натпревар, спорт, ние би ги пуштиле голи и боси  да се снајдат во шума. Сеедно дали умира човек или животно, самиот процес на убивање, страдањето, стравот се секогаш идентични. Слични на ловџиите се и сериските убијци  кои се возбудуваат и вака го сликаат својот човечки плен.   Да се знае – насилниот облик на однесување кај ловџиите е очигледно аномалија,  грешка на природата, затоа што ниту едно друго битие, вклучително доминантните месојадни животински видови не убиваат од забава.

Прашуваме ДО КОГА Македонија ќе толерира и заработува од најбрутална експлоатација на природата и до кога ќе бидеме омилена дестинација за убивање на илјадници ловџии кои кај нас доаѓаат и масакрираат животински видови кои во нивните матични држави се најстрого заштитени со закон?

Анима Мунди ќе поднесе пријави против инволвираните лица согласно Законот за ловство и очекуваме најстрога казна за прекршување на периодот за ловостој над дивите свињи во државното и како себеси се нарекуваат ВИП ловиште Јасен.

 

„Јасен” управува со 32 000 хектари ловиште и затворено ловиште од над 6000 хектари. Ловџии од САД и Русија, а во последно време и од европските земји, се чести гости во ловиштето.

Поради големиот интерес на ловџии од странство, македонските државни ловишта во последните три години се најпосетени на Балканот.

Ловот во Јасен се спроведува исклучиво врз основ на годишни договори со лиценцирани тур-оператори од светот. Во договорите се дадени ловни пакети за определени видови на дивеч и термини кога ловот ќе може да се реализира.

Најмалата трофејна вредност што се плаќа во Јасен е 400 евра за отстрел на дива свиња, но нејзин максимум е околу 6.500 евра во зависност од трофејната вредност на уловениот дивеч. Цената за лов на дива коза е од 2.500 до 4.000 евра. Најскап е ловот на еленот – цените се движат од 1.500 до 17.000 евра. Со склучување на договорот на ловецот му се обезбедени таксите за влез во државата, формалностите околу ловното оружје, транспортот до ловниот дом и назад, сместување како и животно осигурување кое секој посетител на Јасен автоматски го добива.