
Претседателот на „Спортинг“ од Лисабон, Бруно де Карваљо, ги суспендираше фудбалерите кои денеска одбија да тренираат, откако се почувствуваа навредени од неговите критики за поразот од „Атлетико“ Мадрид во Лигата на Европа објавени на социјалните мрежи.
Тие побараа претседателот да дојде и да ги погледне в лице, а откако Бруно де Карваљо не се појави во соблекувалната, одбија да истрчаат на тренинг. Но, тоа може да биде и кобно за нив, затоа што веднаш заработија суспензија. Меѓу суспендираните е и македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски, кој беше во тимот што беше дел од Лигата на Европа, иако не настапи против „Атлетико“ .
Овие фудбалери размислуваат како мали деца, но овојпат моето трпение заврши за сите кои мислат дека се над клубот. Тие веднаш се суспендирани и ќе се соочат со дисциплинска постапка, изјави Бруно де Карваљо, откако им изрече суспензии на 19 фудбалери.
В недела Спортинг Лисабон треба да игра против „Пакош Фереира“ на домашен терен во првенството на Португалија, а в четврток го пречекува „Атлетико“ Мадрид во реванш дуелот од четвртфиналето во Лигата на Европа.