Фиго не сакаше да премине во „Реал“, но мораше да ја напушти „Барселона“

Трансферот на португалската ѕвезда, Луис Фиго од „Барселона“ во „Реал“ што се случи пред 18 години е еден од најконтроверзните премини на фудбалери од еден во друг клуб, но меѓу љубителите на фудбалот ќе остане запаментен како едно од најголемите предавства во овој спорт.

Долго време не беа познати причинит еза трансферот што ја потресе Шпанија и Европа, но тајната ја откри сонародникот на Фиго, Пауло Футре, соиграч од репрезентацијата и играч на мадридски „Атлетико“. Целата проиказна почнала без верба дека ќе се оствари, оти во прнцип Фиго не сакал да го напушти „Ноу Камп“.

Луис беше бесен на претседателот на Барселона, Хуан Гаспарт бидејќи тој беше еден од најдобрите, но истовремено и најлошо платени играчи, рече Футре.

Целата ситуација се случи кога Флорентино Перез се кандидираше за претседател на Реал, кој во предизборните ветувања рече дека во Мадрид ќе донесе една од ѕвездите на „Барселона“. Менаџерот на Фиго ја почувствувал шансата да заработи пари, па со Перез потпишал преддоговор за трансфер. Сепак, ниту фудбалерот ниту неговиот менаџер не верувале дека Перез ќе победи. Но се случи спротивното.

Откако Перез стана претседател на „Реал“ настана хаос во Каталонија, а навивачите почнаа да му се закануваат на Фиго, но и на неговите ќерки, па Португалецот полека почнал да се повлекува од договореното.

Тој му рекол на менаџерот дека нема да оди во „Реал“,  но проблемот беше во тоа што според договорот, ако Фиго не заминал во Мадрид, ќе морал да му плати на „Реал“ 35 милиони евра обештетување.

Фиго на сите начини се обидувал да го избегне трансферот, но ништо не помогнало.

– Тој беше на Сардинија со семејството и не сакаше да оди во Мадрид. Потоа со менаџерот полетавме од Лисабон за Сардинија. Фиго беше толку нервозен што го удри репортерот што го фотографираше неговиот син. Но немаше  излез, беше обврзан со таа клаузула. Ставете се на негово место. Беше еден од најдобрите играчи во „Барселона“, но меѓу најмалку платените. А „Реал“ му понуди шест пати поголема плата.На крајот, тоа беше правно прашање. Или одиш во Мадрид или ќе  дадеш 35 милиони евра, заклучи Футре.

Епилогот е познат, Фиго се пресели во „Реал“ и го направи едно од најголемите предавства во фудбалот. Навивачите на каталонскиот клуб никогаш не му простија и секогаш на „Ноу Камп“ беше пречекуван на нож, а ќе остане запаметено дека најжестоките фанови на „Барселона“ еднаш го гаѓале со свинска глава.