Орбан победник на изборите во Унгарија

Актуелниот премиер на Унгарија, Виктор Орбан и неговата партија „Фидес“ е победник на парламантарните избори, и освојуваат трет последователен мандат по ред, покажуваат неофицијалните резултати.

Според Државната изборна комисија, од преброени околу 75 отсто гласови „Фидес“ освоиле над 50 отсто  гласови. Предвидувањата се дека е можно дури и да освои двотретинско мнозинство или околу 134 пратенички места од 199 во Собранието.

Партијата на власт изгледа изгубила дел од гласовите во Будимпешта и во некои градови, но за разлика од претходните избори во 2014 година, освоила повеќе гласови во руралниот дел на Унгарија. Најголемиот конкурент на Орбан, Габор Вона од ултрадесничарската партија „Јобик“, освоиле 20 отсто од гласовите.

Гласањето за парламентарните избори во Унгарија најверојатно заврши со рекорден одзив бидејќи во 18.30 часот, половина час пред затворање на гласачките места гласале  68,13 отсто избирачи. Процентот е далеку повисок бидејќи поради големите редици на некои места се гласаше и по 19 часот.

Голема заинтересираноста за изборите во Унгарија има низ цела Европа, а британски „Гардијан“ во живо ги следи настаните и постојано лиферува информации за процесот на гласање во исчекување на првичните резултати, кои се очекуваат околу 23 часот.

Странските медиуми пренесуваат дека освен во Будимпешта, каде одзвиот е близу 73 отсто, долги редици за гласање имало и во амбасадите во Лондон и во Брисел. Унгарците во Велика Британија чекале и два часа за да гласаат, а во едно училиште во Будимпешта граѓаните чекале три часа за да го остварат своето гласачко право.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан утринава гласаше на парламентарните избори во оваа земја, со порака дека се гласа за „иднината на Унгарија“, пренесува АП. Тој со сопругата гласаше на избирачкото место во училиштето во близина на неговиот дом, и по гласањето на новинарите им порача дека ќе ја почитува волјата на унгарските гласачи.

Излезноста на редовните парламентарни избори до 9 часот била 13,17 отсто, што е поголема излезност отколку на изборите во 2006 година, но не и во претходните два избирачки циклуси.
Кандидатот на левицата за премиер, Гергиј Карчони рече дека големата излезност е добра вест за оние кои се надеваат дека Орбан нема да го обезбеди третиот последователен мандат. Карчони е прв на коалициската листа на „Паријата за дијалог“ и „Социјалистичката партија“.

Лидерот на унгарската ултрадесничаркса партија „Јобик“, Габор Вона рече дека очекува „изнанадувачки“ резултат на денешните избори. Тој ќе поднесе оставка и својата судбина ќе ја стави во рацете на партијата ако не победат на изборите, но дека секако ќе остане во политиката.

На изборите право на глас имаат околу 8,3 милиони гласачи, меѓу кои и 378.000 Унгарци кои живеат во соседните држави и имаат двојно државјанство.

Според сите прогнози, актуелниот премиер Орбан и неговата партија „Фидес“ ќе успее да обезбеди трет последователен мандат, а четврти од 1998 година. Последните анкети покажуваат дека „Фидес“ и неговиот помал коалициски партнер, христијанските демократи ќе обезбедат мнозинство од вкупно 199 места во унгарското собрание, но не може точно да се прецизира поради сложениот изборен систем.

„Фидес“ на изборите во 2010 и 2014 година освои двотретинско мнозинство по што беше усвоен нов Устав, кој на Орбан му овозможи поголема концентрација на власта. Владејачката партија по победата во 2010 година го намали бројот на пратеници во собранието од 386 на 199 и го елиминираше вториот круг на избори, со што им нанесе штета на оомалите партии кои можеа да формираат коалиции по првиот круг на изборите.