
Полицијата уапсила скопјанец осомничен дека ограбил аптека, информираше МВР.
Станува збор за М.Ч (39) против кого полицијата до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава поради основано сомнение дека извршил кривично дело разбојништво, при што се стекнал со противправна имотна корист од околу 25.000 денари.
Според полицијата, М.Ч. разбојништвото го извршил на 26 март околу 19 часот, во аптека на булеварот Кочо Рацин. Тој влегол во објектот и со закана со нож кон вработената и ги побарал парите. Таа се спротиставила, меѓутоа М.Ч. ја истуркал од работниот пулт, ја отворил фиоката каде што стоеле парите од дневниот промет и ги одзел парите. Потоа трчајќи излегол од аптеката во правец кон автобуската станица наспроти Градска општа болница „Св.Наум Охридски“, каде што се качил во такси возило.
По преземени мерки и активности од страна на полициски службеници лицето е приведено во полициска станица, каде е извршен разговор во кој пријавениот во целост го признал и опишал начинот на извршување на кривичното дело.