Убедлива победа за Виктор Орбан

Унгарскиот премиер, Виктор Орбан и неговата партија „Фидес“ оствари убедлива победа на парламентарните избори во Унгарија, освојувајќи 133 места од вкупно 199 по преброени 93 отсто од гласовите, соопшти националната изборна комисија.

Орбан, кој коалицираше со помалиот партнер- христијанските демократи, освои трет последователен мандат, четврти по 1998 година, но и двотретинско мнозинство, кое, како и во минатите изборни циклуси, му овозможува да прави евентуални уставни измени.

Победивме. Си дадовма себе си шанса да ја одбраниме Унгарија, изјави  Орбан пред насобраните приврзаници.

Според него, Унгарија се уште не е таму каде што тој сака, нагласувајќи дека големиот одзив на гласачи ги расчистил сите сомнежи за победата.

Кога ќе добиете ваков резултат, морате да се сетите на една мудра мисла„Бидете скромни бидејќи сега имате причина да бидете“, кажа Орбан.

 

Лидерите на унгарските опозициски партии кои оствариле цензус и влегоа во парламентот ноќеска си поднесоа оставки. Како што пренесе агенцијата МТИ, прв оставка поднел Габор Вона, претседателот на ултрадесничарската партија „Јобик“ која освои околу 20 отсто гласови или 27 места во парламентот.

Целта на „Јобик“- победа на изборите и да се присилат измени во Владата не е постигната. „Фидес“ победи. Повторно. Посакувавме ваквата голема излезност да донесе поинаков реззултат, но граѓаните вака одлучија, рече Вона.

Оставка поднесе и Акош Хадази, колидер на партијата ЛМП, партијата која освои четври резултат со 6,82 отсто гласови и седум места во парламентот, но тој нема да го врати мандатот.

Оставки понуди и раководството на „Социјалистичката партија“ која на изборите настапи со партијата „Дијалог за Унгарија“, која освојила 12,9 отсто гласови и 20 мандати.

 

Партијата на власт изгледа изгубила дел од гласовите во Будимпешта и во некои градови, но за разлика од претходните избори во 2014 година, освоила повеќе гласови во руралниот дел на Унгарија.

Гласањето за парламентарните избори во Унгарија заврши со рекорден одзив од над 69 отсто излезност, а поради големите редици на изборните места гласањето некаде се продолжи и до три часа по затворањето на гласањето бидејчи гласачите биле на гласачките места во тој момент.

Голема заинтересираноста за изборите во Унгарија имаше низ цела Европа, а британски „Гардијан“ во живо ги следеше настаните и постојано лиферуваше информации за процесот на гласање во исчекување на првичните резултати.

Странските медиуми пренесуваат дека освен во Будимпешта, каде одзвиот е близу 73 отсто, долги редици за гласање имало и во амбасадите во Лондон и во Брисел. Унгарците во Велика Британија чекале и два часа за да гласаат, а во едно училиште во Будимпешта граѓаните чекале три часа за да го остварат своето гласачко право.

„Фидес“ на изборите во 2010 и 2014 година освои двотретинско мнозинство по што беше усвоен нов Устав, кој на Орбан му овозможи поголема концентрација на власта. Владејачката партија по победата во 2010 година го намали бројот на пратеници во собранието од 386 на 199 и го елиминираше вториот круг на избори, со што им нанесе штета на оомалите партии кои можеа да формираат коалиции по првиот круг на изборите.