Ракетирана воена база во Сирија, најмалку 14 мртви

Сирискиот воен аеродром Т-4, познат како Тијас, кој се наоѓа во близина на градот Хомс, утрово е бомбардиран, при што се убиени најмалку 14 лица, информираше Сиријскиот опсерваториум за човекови права. Ракетирањето се случува по наводниот хемиски напад завчера во Дума, во кој загинаа седумдесеттина луѓе, меѓу кои и деца и жени.

Според висок функционер во руската армија, зад нападот најверојатно стои Израел, кој во февруари годинава веќе изврши воздушен напад во овој регион, меѓутоа од израелското министерство за одбрана одбиле да ги коментираат обвинувањата. Во меѓувреме на социјалните мрежи се појавија непотврдени снимки кои наводно покажуваат проектили како го прелетуваат Либан на пат кон Сирија.

Според директорот на опсерваториум, Рами Абдел Рахман, во воздушните напади загинале најмалку 14 Иранци, а во базата освен ирански, има стационирано и руски и сили на либанскиот „Хезболах“.

Во меѓувреме, припадници на Исламска држава извршиле напад врз сиријските сили во Сиријската пустина, веднаш по нападот на Т-4, пренсеуваат локалните медиуми. Телевизијата „Ел Мајадин“ пренесе дека нападот бил спреен во подрачјето на Себа- биар, но нем податоци за жртви во редовите на сиријската војска.

Официјален Дамаск за денешниот напад, веднаш ги обвини САД, откако претседателите на САД и Франција, Доналд Трамп и Емануел Макрон, вчера во заедничка изјава, се заканија со заеднички и координиран одговор по наводниот хемиски напад. Од Вашингтон демантираат дека стојат зад нападот.

Во овој момент, Министерството за одбрана не изврши напад во Сирија. Ние и натаму ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата и ќе продолжиме со дипломатските напори во спречување на оние кои користат хемиско оружје во Сирија и на други места, соопшти Пентагон.

И Франција ги негира обвинувањата за вмешаност во денешниот напад

Во меѓувреме, бунтовниците во Дума се предадоа и беа извлечени од енклавата откако постигнаа договор со сириската влада.