Се истражува од што се затруле фудбалерите на „Пелистер“

Државниот санитарен и здравствен инспекторат испитува од што се затруле 14 од вкупно 28 фудбалери на Фудбалскиот клуб Пелистер, откако јаделе во ресторан на познат хотел во Велес, изјави за „ТВ 24“ ,  директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Бухова.

Според неа, постапено е според протоколот и анализите се во тек, а ресторанската кујна е затворена.

Кујната е затворена за употреба, земен е брис и од вработените и од работните површини. На терен излегоа инспектори на санитарен и здравствен инспекторат, Агенција за храна и ветерина и Центар за јавно здравје од Велес. Преземени се сите законско пропишани процедури и мерки. За поконкретни информации за причинителот рано е да се каже, ќе се чекаат микробиолошките резултати, вели Др. Бухова,

Според Бухова, фудбалерите се пуштени на домашно лекување уште во текот на вчерашниот ден.

Инаку битолските фудбалери вчера патувале кон Скопје каде што попладнето требало да играат во Чаир со фудбалскиот клуб Шкупи.  Попат застанале да ручаат во Велес и во 13.30 часот завршиле во болница со идентични симптоми и повраќање.

Фудбалерите објавија фотографија на социјалната мрежа Фејсбук како примаат инфузија, а на официјалната фејсбук страница на клубот споделена е и информација дека натпреварот со Шкупи е одложен.