
Талат Џафери, одговарајќи на прашања на обвинителот, Дарко Јакимовски, на деношното рочиште во Кривичниот суд, опиша што се случило на 27 април минатата година во Собранието.
Влеговме во прес салата, давав изјава за медиумите. Пред да завршам на монитор ја гледавме состојбата пред Собранието. За кратко многу луѓе влегоа во Собранието. Дел од обезбедувањето не дозволуваше да се отвори вратата во прес салата. Тие направија кордон и ми рекоа да застанам позади за да не стигнат до мене – објасни Претседателот на собранието, кој додаде дека лево од него бил Зијадин Села.
Тој објасни дека граѓаните прво почнале физички да ги напаѓаат пратениците, но до него не успеале да досегнат.
Потоа почнаа да фрлаат со се што ќе им дојде до рака. Целата опрема се користеше како средство за напад. Цел на напад бевме ние. Имаше извици: Ќе ве убиеме сите. Најмногу им се закануваа на Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски и Зијадин Села – рече Џафери.
Тој појасни дека му рекол на Села да стои позади и да не се поместува.
Во еден момент кога се свртев, зошто често зборував на телефон, Села го немаше. Понатаму не знам што се случи со него – рече Џафери.
Џафери помислил дека некој од обезбедувањето го извлекол Села надвор, но еден од напаѓачите рекол „Со Села завршивме, сега редот е на вас“.
Почнаа да викаат дека ние што сме останале внатре да потпишеме дека не важи тоа што претходно се случило во Собранието – рече Џафери.
Тој додаде дека повеќе не го видел Села, бидејќи го евакуирале.
Од Никола Тодоров слушнавме дека Села и Шекеринска се тешко повредени и ги бараат. Во меѓувреме го најдоа Села и не известија дека е однесен во Клинички центар. Откако не однесоа во касарната Ѓорче Петреов, од таму отидов да го посетам Села – рече тој.
Од сведочењето на Џафери може да се заклучи дека тој не ги видел напаѓачите на Села, но ја опиша целосната слика. На дополнителни прашања на обвинителот рече дека во Собранието имало луѓе со фантомки и дека тие ги предводеле останатите. Тој појасни дека во салата 3, односно во прес центарот, требало да има камери што го снимиле целиот крвава настан, бидејќи претходно со нив се снимале седниците на работните групи.