
Постигнат е напредок за дел од прашањата кои се веќе созреани, а за дел се уште постојат разлики, изјави македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров по денешната средба во Охрид со неговиот грчки колега Никос Коѕијас.
Коѕијас, од своја страна, потврди дека е направен напредок и на ниво на министри и на ниво на работни групи.
– Има напредок. Остануваат помалку теми за решавање, но тоа се најтешките. Денеска направивме позитивен чекор и се надеваме дека ќе направиме тешките проблеми да станат полесни. Се обидуваме да решаваме проблеми предизвикани во минатото и од други, рече Коѕијас.
Шефот на македонската дипломатија рече дека разговарале без надмудрување, со разбирање на потребите на другиот.
Тој притоа кажа дека истовремено се одржала и средба на работните групи на двете министерства, на ниво на високи дипломати.