
Животот најчесто го поминуваш праволиниски, она што ти се испречува на патот го решаваш, заобиколуваш, надминуваш и продолжуваш. Немаш многу време да му ја мислиш зошто си тука, која е твојата цел, дали си роден од епрувета или растен со сребрена лажичка во уста, ја прифаќаш судбината каква што е и минуваш така во некакво внатрешно исчекување дека нешто ќе се случи. И кога пред тебе почнува да се одмотува една возвишена идеја за сопственото битисување, значење, важност, се’ повеќе се внесуваш во тоа како сушта вистина дека над и околу неа нема друга. Ти го осмислува животот, ти ги раководи деланијата, ти дава поттик и мотивација, да одиш напред и почнуваш да градиш визија за својот живот и свет кој добива пропорции, кои, добро не баш епски, но веќе влегуваш во прелести за соспственото значење и влијание, кој си, што си.
ЕГО!
После години омаловажувања идејата за новото и возвишеното сопствено битисување ги надминува сите тривијалности и бедотии на секојдневицата, понижувањата ги трпиш со уште поголема усилба или подобро, стануваш отпорен на „куршуми”. Ништо повеќе не може да те повреди затоа што она што си го развил како сознание ти дава оргомна сила и внатрешна моќ, со силно чувство на непобедивост.
ЕГО!
И тогаш, по промисла, одеднаш, ќе ти се сруши целиот живот, ќе го изгубиш најдрагоценото, а во вителот ќе се изгубиш и себе и својата суета за она што си бил и колку си се залажувал.
Она што ти било како возвишена фигура на која си ги налепил сите свои надежи и исчекувања, пориви и верба во својата борба, паѓаат преку ноќ, ден, секунда со спознание на суровата вистина на непостојаноста на лажниот свет кој си го изградил. Но, не си налудничав, тој свет е вистински симулакрум, намерно создаден и дозиран за да влезеш во него доброволно, потполно самоволно во него и сам, без принуда да ги изградиш сите симулации. Сам си влегол во тоа, сам си градел како дел од една суптилна игра, игра која ти е оттргната од пред очи, намерно, за оние кои ќе се осмелат да се вознесат во неа да можат да паднат со страотен тресок, како пример за другите.
Во тињата на растопената надеж, кога секој атом од твојата сила повикува на очај и депресија, ти се појавува една, фигура, во животот, попонизна дури и од тебе, која ти пружа рака и ти го трга целиот твој лажен свет од пред очи. И кога како раце те грабаат да те потегнат долу во живата кал, повторно со голема премисла, од некои чудесни димензии на благодатни енергии со обичен човечки збор, да го разбереш и во најутопистичко лудило на соптвениот ум ти вели:
„СЕ ЗАЛАЖА? ПОМИСЛИ ДЕКА СИ НЕКОЈ? НО, ИМА ЛИ НЕШТО ПОЧОВЕЧКО ОДОШТО ДА ГО ДАДЕШ ЖИВОТОТ ЗА ВОЗВИШЕНА ЦЕЛ?”
И очигледното како што e дождoт, станува виша идеја на вистината која те крева и те исправа како невидлива рака на Сеприсутноста и Семоќта и излегуваш како од искршено огледало на лагата во за тебе новата реалност која од секогаш била тука.
Твојата предност сега е што немаш што да изгубиш, ти веќе си добил затоа што имаш вистинска цел, имаш возвишена цел, твојот морал, твојата етика се издигнати далеку над се’ и веќе никој не може да те корумпира. Го предаваш својот живот во Негови раце, а натаму, натаму, само продолжуваш.
Ова писание е парафразиран синоспис на Blade Runner 2049, филм кој ми го визуелизираше внатрешниот свет како што Џек Лондон тоа го направи со маката и трудот на секој човек на планетава. Станувам и продолжувам, затоа што животот мој е ништожен и мојата борба останува посветена за моите, мојот народ, мојата земја, а како, каде и кога, тоа ОН ќе одлучи, мое е само да не се предадам, никогаш, колку и да е оганот блед.
Автор: Јанко Илковски