Завршува грејната сезона, пониски сметки поради топлото време

Грејната сезона завршува за два дена, на 15 април, а поради топлата зима граѓаните во наредните месеци  може да добијат пониски сметки за парно греење.

Потрошувачите во текот на грејната сезона во месечните сметки добиваат податок за потрошената топлинска енергија. Доколку на крајот од грејната сезона е потрошена повеќе топлинска енергија од прогнозираната која е авансно пресметана тогаш разликата ќе биде распределена на три еднакви рати и соодветно фактурирана во сметките за месеците мај, јуни и јули. Ако пак потрошувачот со авансните сметки за топлинска енергија што се доставуваат од месец август заклучно со месец април авансирал повеќе од реално потрошената енергија, тогаш разликата ќе биде вратена на неговата трансакциска сметка, доколку нема заостанати долгови.

Минатата година на градското парано се приклучиле над 2350 домаќинства од кои близу 868  се сосема нови објекти , а близу 1500 се потрошувачи кои претходно го откажале и сега  повторно се враќаат на мрежата.

Градското парно го користат околу 50 илјади домаќинства.

Нова корекција на цената на парното греење се очекува да има дури во август  дотогаш регулаторната комисија  за енергетика треба да ги разгледа пресметките на трошоци на Балкан Енерџи Груп. Инаку пред две годни беше донесена и одлука наместо два пати во годината порамнување на сметките да се прави само еднаш во летните месеци.