Во Србија почина 11-месечно бебе, 15-та жртва на епидемијата на сипаници

Единаесетмесечно бебе починало на Клиничкиот центар во Ниш поради компликации предизвикани од зараза на сипаници и е петнаесеттата жртва од оваа болест во Србија од октомври 2017 година, објави во саботата Радио-телевизија Србија.

Смртта на девојченцето за РТС го потврдил началникот на одделот за интензивна нега на Детската интерна клиника во Ниш, Дејам Милојевиќ, наведувајќи дека детето е од Дољевац, од јужна Србија, како и дека во болницата било примено на 6-ти април, но компликациите кои се појавиле на 11-ти април имале смртен исход.

Девојченцето е петтата жртва на малите сипаници во Ниш, а вкупно петнаесеттата откако беше прогласена епидемија од морбили во Србија. Според последните податоци на националниот институт за јавно здравство „Милан Јовановиќ Батут“, од сипаници досега во Србија заболеле најмалку 4.740 лица.

Епидемијата од сипаници започна на северот од Косово во октомври 2017 година и се прошири на централниот дел од Србија, а лекарите ги повикуваат родителите да ја игнорираат кампањата против вакцинацијата.