Повреденото дете е во стабилна состојба, за надлежните денеска било неработен ден

Десетгодишното дете, кое вечерва беше прегазено на улицата Борис Сарафов во Општина Ѓорче Петров, е во стабилна состојба. Граѓаните засега остануваат на улица, а најавија и нов протест за утре во 18 часот.

Тие  бараа од присутната полиција, градоначалникот на општината Александар Наумоски да се појави на местото на несреќата, да понесе одговорност и да понуди решение. Според изјавата на заменик командирот на полициската станица во Ѓорче Петров сите надлежни биле известени, но му рекле дека денеска е недела неработен ден, од утре ќе се решава проблемот.

Дежурните на Клиниката за неврохирургија, каде детето е однесено со повреда на главата и на рамото, велат дека тоа има скршеница на главата, крварење во мозокот и повреда на рамото.

Детето е во стабилна состојба, контактибилно е, и оценето е дека нема потреба од операција. Има повреда на главата и повреда на рамото -велат од Клиниката за неврохирургија, каде ќе биде задржано на опсервација.

Сообраќајната несреќа се случила околу 19 часот, кога возило со скопски регистарски таблички удрило во детето.

Жителите на Ѓорче Петров по несреќата го блокираа сообраќајот на улицата, во знак на протест.

Според информациите на очевидците на несреќата, полицијата го прекинала увидот и не сакала да ги сослуша нивните изјави. Тие заминале непосредно по несреќата заедно со повреденото дете кое било пренесено во Ургентниот центар со возилото со кое б ило прегазено.

Ѓорчевчани лани на неколку наврати протестираа, бидејќи на оваа улица за кусо време се случија неколку сообраќајни несреќи. Пред само една недела беше прегазено уште едно дете.Во близина е и основното училиште Мирче Ацев и секојдневно има голема фрекфенција на деца, а по улицата и натаму се вози со голема брзина.