
Сообраќаен полицаец добил кривична пријава бидејќи не направил правилен увид при сообраќајна несреќа и фалсификувал белешка за истиот, информираше МВР.
Полицијата до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против К.В. (44) од село Сушево, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела несовесно работење во службата, како и за фалсификување службена исправа.
Пријавениот К.В. во својство на службено лице- полициски службеник, на 5 септември лани вршел увид по случена сообраќајна незгода во која учествувале автомобил и мотоцикл. Но полицаецот не ги зел потребните изјави од учесниците во сообраќајната незгода со што не можеле да бидат точно прецизирани и утврдени фактичката состојба и виновникот за случената сообраќајка. Наместо тоа, тој изготвил службени белешки за добиени информации преку непосреден разговор со граѓани само согласно “Правилникот за начинот на вршење на полициските работи“. Односно изготвил службени исправи кои подоцна ги употребил како вистинити и во содржината на едната од нив внел невистинити податоци во однос на изјавата од учесник во сообраќајната незгода кој притоа бил тешко повреден.
Исто така, во рубриката “Потпис на граѓанинот“ пријавениот своерачно ги ставил само првите букви од имињата и целите презимиња на лицата и потоа службените белешки ги заверил со своерачен потпис. На тој начин, на оштетените- учесници во сообраќајната незгода им било оневозможено да го остварат своето право на надомест на штета, односно била сторена потешка повреда на правата на возачите во остварувањето на правото за надомест на штета.