Барса не победи кај Селта, но ја продолжи серијата без порази

Во првиот дуел од 33-то коло на шпанското фудбалско првенство, Селта и Барселона ги поделија бодовите 2:2, а Каталонците со тоа ја продолжија рекордната серија без порази во Примера на 40 натпревари.

Барселона поведе во 36 минута преку Усман Дембеле, а за Селта израмни Џон во 45 минута. Пако Алкасер на асистенција на Дембеле во 64 минута повторно ги доведе во водство гостите. Но во 71 минута играчот за врска на Барселона Серхи Роберто доби црвен картон, а домашните умееја да ја искористат предноста од играч повеќе и израмнија во 82 минута преки Бразилецот Тиаго Аспас, но од многу сомнителна ситуација бидејќи со рака ја втурна топката во противничката мрежа.

Барселона со 25 победи и 8 ремија без пораз сезонава собра 83 бодови и води со 12 бодови предност пред второпласираниот Атлетико Мадрид кој има меч помалку, на седум кола до крајот. Селта од Виго, пак е деветта со 44 бодови.

Во првиот меч во вторникот Депортиво и Севилја во Ла Коруња одиграа без голови. Севилја е шеста со 48 бодови, исто колку и седмиот Вилјареал кој има меч помалку. Депортиво, пак, е на самата граница на испаѓање од лигата, на 18-то место, со 27 бодови, или четири помалку од позицијата која обезбедува опстанок во Ла Лига.