
Поранешниот пратеник Александар Стојкоски, доктор на Клиниката за радиологија во Скопје, на денешното судско рочиште за нападот врз пратеникот Зијадин Села во Собранието на Македонија на 27 април лани, изјави дека бил првиот што му дал прва помош на повредениот пратеник.
Стојкоски рече дека го видел Зијадин Села како лежи на земја пред скалите, а околу него имало група луѓе кои како стампедо се движеле околу него.
Го видов Ацо Јаневски – Тошта како ги раздвојува луѓето околу Села и тогаш и јас му помогнав во раздвојувањето. Села беше во бесознание, без движења- рече Стојкоски и додаде дека се обидел да го смири обвинетиот Кире Ѓорѓиевски, но не видел дека овој го напаѓал повредениот Села.
Откако повредениот пратеник бил пренесен во една од канцелариите на Собранието, Стојкоски изјави дека таму му пружил прва помош. „Села имаше повреди на главата, лицето. Немаше други повреди и убодни рани. Побарав да ми донесат мраз, по што Села се освестил и проба да ги отвори очите. За да му го сокријам идентитетот, заедно со присутните му облековме дуксер за да го изнесеме од собраниската зграда“, изјави Стојкоски.
Денеска треба да сведочат и новинарот Горан Трпеноски и Бојан Василевски, вработен во Собранието.