
Во трите синоќа одиграни натпревара од првиот круг од доигрувањето на НБА лигата, Бостон Селтикс, Торонто Репторс и Њу Орлеанс Пеликанс поведоа со 2:0 во серијата до четири победи.
Торонто Репторс славеа и во вториот натпревар од плеј-офот против Вашингтон Визардс кој дома ги совладаа со 130:119. Демар Дерозен постигна 37 кошеви за победникот, Јоанс Валанчиунас додад 19 кошеви и 14 скокови, а Си Џеј Мајлс 18 поени. Кај Вашингтон најдобар беше Џон Вол кој дуелот го заврши со 19 кошеви и 9 асистенции, додека Мајк Скот додаде 20 поени. Третиот натпревар ќе се игра во петок во Вашингтон.
Визардс губеа со 18 разлика на половината од третата четвртина пред да заиграат и да дојдат на само 103:108. Меѓутоа, Мајлс го сопре налетот на Вашингтон со „тројка“, а Дерозан ги постигна последните четири поени за Торонто чијашто предност се врати на 12 кошеви на малку повеќе од шест минути пред крајот.
Бостон Селтикс, исто така, запишаа победа во вториот меч од доигрувањето, синоќа беа подобри од Милвоки Бакс со 120-106. Џејлен Браун постигна 30 погодоци за домашниот тим, а Тери Розиер додаде 23. Јанис Антетокунмпо ги предводеше Милвоки со 30 кошеви, 9 скокови и 8 асистенции, а Крис Мидлтон постигна 25 поени. Третиот меч се игра во Милвоки во петок.
Њу Орлеанс Пеликанс на гости го совладаа Портлант Трејл Блејзерс со 111:102, а најдобар стрелец кај нив беше Џру Холидеј со 33 кошеви и 9 асистенции. Ентони Дејвис додаде 22 поени и 13 скокови, а Ражон Рондо 6 со 10 скоковои за Пеликанс, кои се враќаат на својот паркет каде што ќе се игра третиот и четвртиот меч. Малколм постигна 22 кошеви, а Демиен Лилард 17 за Портланд.