
Најголемата партија на косовскиет Срби, Српската листа, соопшти во четвртокот дека се откажува од едностраното формирање на Заедницата на српски општини (ЗСО), што претходно го најави за 20-ти април.
Ваквата најава уследи по денешната средба во Звечане на претставници на Српската листа со членовите на работната група што ја формираше косовската Влада, со задача да го подготови статутот на ЗСО.
Претставникот на Српката листа, Игор Симиќ изјави дека партијата останува отворена за разговори и решенија кога станува збор за формирање на Заедницата, во согласност со Договорот во Брисел, што го постигнаа Белград и Приштина.
Претходно во четвтокот косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека Заедницата на српски општини (ЗСО) ќе биде формирана врз основа на одлуката на Уставниот суд на Косово, а ултиматумот на Српската листа дека ако владата не преземе конкретни чекори, на 20-ти април косовските Срби еднострано ќе ја формираат ЗСО, нема да има никаков ефект
„Ситуацијата е сменета. Косово е на пат кон изготвување на Статутот на ЗСО. Ултиматумот паѓа во вода“, рече Харадинај на прес-конференција по денешната седница на неговата влада.
Косовските власти веќе формираа работна група за изготвување на Статутот на ЗСО, а за денеска во Звечан е најавена средба на нејзините членови со политичките претставници на косовските Срби.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во средата во Белград изјави дека Србија ќе чека на работната група да ја заврши својата работа околу статутот на ЗСО во следните три и пол месеци.