
Иако роковите се уште траат, граѓаните веќе да не аплицираат за субвенции за сончеви колектори и ПВЦ или алуминиумски прозори, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Бектеши на прес-конференција рече дека средствата се исцрпени, зашто интересот кај домаќинствата бил многу голем, а распределбата на поддршката е реализирана по принципот прв дојден, прв услужен.
Како што напомена Бектеши, Министерството за економија ќе побара дополнителни субвенции од Владата со првиот ребаланс на буџетот.
За сончеви колектори пристигнаа над 900 апликации, а буџетот беше шест милиони денари, додека за ПВЦ прозори беа доставени повеќе од 1.400 барања, а буџетот изнесуваше 30 милиони денари, истакна министерот.
Тој уште еднаш потсети граѓаните да не аплицираат ниту за поддршка за печки на пелети, зашто поради големиот интерес, исцрпена е поддршката и за оваа мерка.