
Кошаркарите на „Хјустон Рокетс“ победија во Минесота за водство од 3:1, а „Џезерите“ во Солт Лејк Сити беа подобри од „Оклахома Тандерс“ за исто така водство од 3:1 во доигрувањето на Западната конференција.
„Минесота Тимбервулфс“ имаше добар старт и предност од 36:29, со очаен старт од седум промашени шута на Џејмс Харден, но „Рокетс“ сепак имаше кош предност на полувремето со 50:49. Во третиот период кошаркарите од Хјустон одиграа фантастична четвртина и постигнаа 50 коша, што последен пат се случило во 1962 година. Во мечот меѓу „Лејкерс“ и „Детриот“, кошаркарите од Лос Анџелес постигнаа 51 поен во четвртата четвртина, но Пистонс“, сепак, победи во тој натпревар, што е плеј оф рекорд според бројот на поени постигнати за 12 минути.
„Рокетс“ примија само 20 коша во тој период, па рутински славеа на крајот со 100:119, а кај гостите најефикасен беше Џејмс Харден со 36 поени и Крис Пол со 25 коша. Кај „Минесота“ најдобар беше Карл Ентони Таунс со 22 коша и 15 скока, како и Џими Батлер со 19 коша и 9 скока.
Следниот натпревар се игра во Хјустон ноќта меѓу среда и четврток.
„Јута Џез“ е на чекор до изненадување откако трет пат по ред ја победија „Оклахома“, стопирајќи го исклучително офанзивниот тим на „Тандерс“ на само 39 отсто успешност на шут. Во победата со 113:96 предводник кај „Џезерите“ беше Донован Митчел со 33 поени и седум скока, а Џо Инглс придонесе со 20 коша. Кај „Оклахома“ најдобар беше Пол Џорџ со 32 коша, со шут 9 од 12, како и 6 скока, а Расел Вестбрук застана на 23 поени, 14 скока и за него скромни 3 асистенции. Кармело Ентони постигна 11 поена со очаен процент од 5 коша од 18 шута.