На Клиника кучиња ќе ги изедат пациентите, Градот чека некој да пријави

Нападите од бездомни кучиња станаа секојдневие во Скопје. Покрај останатите делови на градот загрижени граѓани се жалат на нападите од бездомни кучиња и во комплексот клиники „Мајка Тереза“.

Пред два дена беше нападнат веројатно лежечки пациент, кој веројатно излегол на воздух од болничките простории и едвај се спаси од глутницата од 10 кучиња. Во таа ситуација не знаеш дали да притрчаш да помогнеш, кучињата едноставно трчаа и лаеа дезориентирано – велат за „Нетпрес“сведоци на настанот.

Некои од вработените , претежно во приквечерните часови или ноќе секојдневно се во страв дали ќе можат безбедно да поминат.

Кога си втора или трета смена е навистина страшно да се движиш низ Клиничкиот центар, се случува да пренесуваме и болни, а глутницата кучиња да трча по нас. За среќа досега немам слушнато дека некој е сериозно повреден, ама проблемот мора да се реши , објаснуваат тие.

Според директорката на Службата за заеднички и општи работи при Клиничкиот центар, Шкодране Дархтишта, четири пати е реагирано до надлежните во Град Скопје, но очигледно е безуспешно.

Известени беа надлежните, реагиравме и до Санитарниот инспекторат, дојдоа неколку пати, ги отстранија кучињата ама ете повторно се враќаат. Според мене постојат вработени што ги хранат и затоа не можеме да го решиме проблемот – вели Дархтишта.

Надлежните од Град Скопје пак тврдат дека има Програма во која се обезбдени средства за хуман третман на бездомните кучиња и за реазлизацијата се задолжени ЈП Комунална хигиена и стационарот Вардариште.

Покрај потребните средства, со цел за поефикасно превенирање, воведене е и посебна телефонска линија за пријавување на вакви појави, при што на секое јавување многу брзо интервенираат и екипите од стационарот.

За илустрација, во текот на месец март имаше само три јавување на дежурниот телефон за Скопје и беше благовремено интервенирано, велат од градот.

Според информациите на МВР пак, само вчера се пријавени два случаи на каснување во Центар. Во 13.00 часот во полициската станица Центар, Ј.Т. (59) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 12.10 часот, додека се движел на ул.„Кеј 13-ти Ноември“, од страна на куче-скитник бил каснат за левата нога.
Во 20.00 часот во истата станица, М.Ј. (20) од Скопје пријавила дека истиот ден околу 18.00 часот на ул. „Стале Попов“ била нападната од три кучиња-скитници, од кои едното ја гризнало во пределот на десната надколеница.