Претепани двајца работници кај Матка

Двајца работници биле претепани вчера во скопското село Долна Матка, информираше МВР.

Според полицијата, инцидентот се случил околу 14.30 часот во близина на автобуската станица кај ХЕЦ „Матка“. Таму И.М. (24) и Ш.Н. (33), двајцата од село Цветово вршеле градежни работи.

Тогаш наишол автомобил „голф 5“ со скопски регистарски ознаки, но работниците им кажале да почекаат малку додека да завршат со работа па да поминат со возилото. Но патниците во „голфот“ биле нетрпеливи па по куса расправија излегле од возилото и физички ги нападнале работниците.

Повредените И.М. и Ш.Н. биле префрлени во градската општа болница „Св. Наум Охридски“. Кај И.М. биле констатирани телесни повреди и бил пуштен на домашно лекување, а Ш.Н. бил задржан на понатамошно лекување. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.