
Во натпреварот од 35-то коло на Серија А, најголемиот фудбалски двобој на Апенините, во суперинтересен судир со два пресврта Јувентус со 3:2 славеше на теренот на милански Интер со 3:2, освојувајќи значајни бодови во обидот да ја сочува титулата.
Јувентус многу рано дојде до предност од 1:0 и играл повеќе на теренот, но во вториот дел Интер иако бројно инфериорен го сврти резултатот во своја полза, за во последните пет минути торинската Стара дама да постигне два гола за важните три бода, откако во претходното коло на својот терен со 0:1 беа совладани од директниот конкурент за првото место Наполи.
Атмосферата во пресрет на „Дербито за Италија“ беше вжештена, поради големата важноста на бодовите за двете екипи. За Јувентус да ја сочува минималната бодовна предност пред Наполи, откако ја загуби она од четири бодови на пет кола пред крајот и дербито пред свои навивачи, а за Интер кој со римските клубови Рома и Лацио се бори за пласман во Лигата на шампионите.
Јувентус поведе во 13 минута со убавиот гол на Даглас Коста, а кога само пет минути подоцна Интер остана со играч помалку, се чинеше дека гостите лесно ќе дојдат до бодовите во борбата за Скудетото. Уругвајскиот играч Матиас Векино брутално го нагази Хрватот Марио Манџукиќ и по прегледување на видео снимката беше исклучен.
Но Јуве направи грешка во стратегијата за продолженијата, и наместо со играч повеќе да настојува да го зголеми водството, се ограничи на чување на топката во делот кога фудбалерите на Интер сѐ уште играа под импресиите на настаните од првите петнаесетина минути. Но второто полувреме „нераѕурите“ го започнаа многу поангажирано и прибрано, па веќе во 52 минута изедначија со голот на Мауро Икарди кој по нафрлувањето од Жоао Консело во шеснаесетникот крај заспаната гостинска одбрана непречено со глава го постигна својот 27-ми гол сезонава. Целосниот пресврт домашните го направија во 65 минута, кога хрватскиот репрезентативец Иван Перишиќ по крилната позиција го мина Квадрадо и упати остра топка во петерецот на Јуве каде Андреа Барзаљи несреќно ја спроведе во сопствената мрежа.
Јувентс потоа во 74 минута беше блиску до израмнување, кога аргентинскиот напаѓач Паоло Дибала одлично шутираше од слободен удар, но Хандановиќ уште подобро одбрани. Во 84 минута Квадрадо сепак израмни, а само две минути подоцна дотогаш незабележителниот Гонзало Игуаин со глава крај неколку домашни играчи ја погоди мрежата на Интер.
Во претходно одиграниот меч во саботата Рома рутински го победи Киево со 4:1. Головите за Волчицата ги постигнаа Шил во 9 минута, Един Џеко во 40 и 67 и Ел Шарави во 65 минута, додека стрелец за гостите беше Инглезе во 88 кој при резултат 1:0 не реализираше пенал. Рома до 56 минута играше со играч помали откако беше исклучен Хуан Жезус.
Јувентус води на табелата со 88 бодови, Наполи е на второто место со четири бодови помалку а во недела гостува во Фиренца кај Фиорентина. Рома на третото место има 70 бодови, Лацио е четврти со 67 бодови и меч помалку, а Интер остна на петтото место со 66 бодови.