Трамп пред Меркел оцени дека НАТО повеќе ѝ помага на Европа отколку на САД

НАТО повеќе им помага на Европејците отколку на Американците, изјави во петокот американскиот претседател Доналд Трамп по разговорите со германската канцеларка Ангела Меркел во Вашингтон, каде не успеа да ги надмине разликите по прашањето за трговијата

„НАТО е фантастичен, но им помага повеќе на Европејците отколку нам“, изјави Трамп на заедничката прес-конференција со Меркел, истовремено додека во петокот во Брисел се одржуваше зад затворени врати состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Алијансата.

Трамп повторно ја искажа својата намера да ги притисне другите земји членки да ги зголемат своите финансиски учества во НАТО.

„Другите земји би требало да плаќаат повеќе. Не зборувам за Германија. Другите земји би требало повеќе да плаќаат. Ние ја штитиме Европа, а плаќаме повеќе од сите други“, рече Трамп.

На својот прв ден од стапнувањето на должноста државен секретар на НАТО, Мајк Помпео во Брисел им ја испрати истата порака на сојузниците. Тој ги притисна сојузниците да ја исполнат целта на НАТО и да почнат да издвојуваат најмалку 2 отсто од БДП-то за одбрана, од што 20 отсто за купување воена опрема.

Но и покрај покажаната топлина и срдечност во текот на средбата во Белата куќа, Трамп и Меркел не можеа да ги надминат разликите во однос на трговијата. Наскоро на сила треба да стапат американските царини на челикот и алуминиумот кои ќе го погодат европскиот извоз, а Меркел рече дека сега сѐ е во рацете на Трамп дали ќе додели изземање од царините на земјите од Европската унија.

„Претседателот ќе одлучи. Тоа е сосема јасно“, рече Меркел на прес-конференцијата, откако Трамп се пожали на трговската нерамнотежа меѓу САД и ЕУ, особено во поглед на автомобилската индустрија.

Меркел, исто така, рече дека би можела да си претстави ЕУ и САД да договорат билатерален договор за трговијата велејќи дека Светската трговска организација не е во состојба да испорача мултилатерални договори.

САД во март воведоа царини од 25 отсто на увозот на челик, односно 10 отсто на увозот на алуминиум и ги обвинија трговските партнери за нелојална практика. По реакциите, претседателот Трамп ѝ одобри на Европската унија изземање од царините до 1-ви мај, во замена за поголемо отворање на европскиот пазар за американските производи. Брисел веќе рече дека ќе одговори со противмерки на американските познати производи, доколку бидат воведени царините.

Трамп тогаш се закани и со друга казнена мерка, односно данок на автомобилите кои се стратешки германски производ и создаваат голем суфицит во трговската размена меѓу двете земји на штета на САД.