
Љубомир Јосифовски, поранешен пратеник, на својот фејсбук профил се огласи околу кандидатурата на Тито Петковски за единствен кандидат за претседател на НСДП на најавениот конгрес.
Јосифовски тврди дека не ја повлекол сопствената кандидатура за претседател на партијата, иако партијата соопшти во неделата дека Централниот одбор на НСДП одлучил да го утврди како единствен кандидат Тито Петковски.
„Ниту сум повлекол кандидатура, ниту, пак, има намера… Тито Петковски на највулгарен начин ја злоупотреби својата позиција“, напиша на својот фејсбук профил, Јосифовски.
Во изјава за медиумите вели дека на седницата на Централниот одбор имало конфликт, бидејќи тој не се согласил со одлуката.
„Согласно статутот на НСДП, секој член има право да бира и да биде избран. Јас поднесав кандидатура пред еден месец и истата беше поздравена од Тито Петковски и од органите на партијата. Кога се соочи со реалноста дека не може да биде избран, одлучи да направи радикален чекор и денеска да ги изманипулира членовите на Централниот одбор“, вели Јосифовски за Фокус.
Претходно во петокот актуелниот претседател на НСДП, Тито Петковски, потврди за НетПрес дека влегува во трката за уште еден претеседателски мандат на партијата, и посочи дека засега тој е единствениот кандидат за оваа функција.
Наспроти неговото тврдење, Љубомир Јосифовски, поранешен пратеник, член на Извршниот одбор и секретар за меѓународна соработка на НСДП, рече дека својата кандидатура ја најавил и претходно, но дека тоа го сторил и официјално. Неговата кандидатура била најавена и на Централен одбор на партијата и таа била прифатена.
„Мојата самокандитатура е поднесена на Извршен одбор во паријата. Ако треба и писмено ќе доставам, иако по статутот нема потреба за тоа, но, ете, за да задоволам нечии хирови“, рече Јосифовски.
Тој изминатиот период во медиумте изјавуваше дека Тито Петковски треба да замине во политичка пензија, бидејќи е време за промена во НСДП.
Партискиот конгрес за избор на нов претседател е закажан за 13-ти мај. Актуелниот претседател Тито Петковски, е лидер на партијата од нејзиното основање во 2005 година.