
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски на денешната седница на Комисијата за политички систем рече дека СЈО не ги исполнило очекувањата и ги обвини дека ги прекршува законските норми зашто и по истекот на 18 месеци отвора предистражни постапки и најавува нови обвиненија.
Место да донесете правна сигурност, вие сте еден од генераторите на правна несигурност. Поминаа повеќе од две години откако е оформено СЈО, а се уште не е реализирана основната цел за неговото формирање, а тоа е да се најде кој прислушувал и да се осуди, рече Илиоски,кој забележа дека СЈО ангажирало вештаци кои се во блиски релации со СДСМ, што остава простор за сомнежи.
Илиоски ја праша специјалната обвинителка Катица Јанева дали се предадени сите прислушувани разговори и дали има записник за таквото примопредавање, со оглед на тоа што имало шпекулации дека има такви разговори на црниот пазар.
Јанева одговори дека СЈО направило попис на целокупниот прислушуван материјал кој е дел од доказниот материјал и кој се наоѓа во судот, а е поврзан со предметите „Таргет“ и „Тврдина“.
Обвинителката му одговори на Илиоски и во врска со неговите забелешки за отворањето предистражни постапки и по истекот на законскиот рок од 18 месеци и се повика на членот 20 од Законот за СЈО, според кој функцијата јавен обвинител, кој раководи со Јавното обвинителство, престанува по завршувањето на сите истраги и гонења кои се во негова надлежност.