Маркс се уште предизвикува поделби во Германија

Германија се подготвува за обележување на 200-годишнината од раѓањето на Карл Маркс, но наследството на револуционерниот филозоф предизвикува поделеност и повеќе од четврт век по падот на Берлинскиот ѕид.

Со уште свежи лузни од Студената војна, луѓето од капиталистичката, поранешна Западна Германија и некогашната комунистичка, Источнa Германија за Маркс размислуваат различно. Некои го ценат како визионер, кој ги предвиде болестите на пазарната економија, а другите го презираат поради идеите што ги поттикнале сталинистичките режими.

Дури и во западногерманскиот град Трир, родното место на Маркс кое планира околу 600 настани со кои ќе се обележат две века од неговото раѓање, има критики. Нив, се чини, најголем трн во очите им е големиот споменик на Маркс, висок пет и пол метри, кој ќе биде откриен во сабота. Истиот е подарок од Кина.

Не ни требаше тоа, вели пензионерката Елена Шмит (76).

На многумина Германци мислењето за Маркс е формирано во зависност од тоа каде израснале.

Мајка ми еднаш ми кажа дека Маркс е комунист, и тоа беше се, а сега се воздигнува пред нас, вели 92-годишната Ана-Лиза, малку збунета од импозантниот споменик.

Таа одраснала на запад, каде за Маркс не се зборувало многу.

Студентката Сандра Конрад (22) не ја оспорува историската важност на Маркс.

Тој е автор на извонреден манифест и никој не може против тоа. Не смееме даго заборавиме, рече таа.

Постарите генерации во Западна Германија не учеле за марксовите дела, како што се „Комунистичкиот манифест“ и „Капитал“, но по обединувањето на Германија тоа се променило.

Незаузадниот капитализам и незадоволството што го генерира го обновија интересот за марксовите дела посветени на угнетувањето на работничката класа и нееднаквоста. Тоа е особено истакнато во изминатава деценија. Теориите на Маркс, настанати во времето на целосниот замав на индустриската револуција во 19 век, имаат добар одѕив во денешното време на нови општествени и политички превирања.

Сигурно во тоа голема улога имала економската и финансиската криза од 2008 година, кога реномираните современи економисти имаа пофални зборови за теориите на Маркс, тврди Рајнер Ост, кустос на изложбата за животот, работата и наследството на Маркс.

Но на поранешниот исток, каде што бистите на крупниот човек со брада и кадрава коса беа неизбежен украс во секое училиште, ја нагласуваат штетата предизвикана од идеите на Маркс.

Според Дитер Домбровски, претседател на Заедницата на жртвите на комунистичката тиранија, Карл Маркс создаде темел врз кој последователно се развиле сите комунистички диктатури.

Тој само пишувал, секако, не ги спроведувал своите идеи, но затоа тоа го направиле комунистички диктатури, од збор до збор. Според денешното кривично законодавство, поттикнувачот на злосторство ќе биде осуден исто како и извршителот. И тоа е правилно, вели Домбровски, кој бил во источногермански затвор и тврди дека комунистичките режими убиле повеќе луѓе од Хитлер.

И нему му пречи споменикот што во сабота ќе биде откриен во Триер.

Во Германија со подигање на споменик некому му оддаваат почит. Тоа значи дека градот Трир го слави Карл Маркс и неговите дела, потенцира Домбровски, кој ги обвинува градските власти дека тоа го прават само за да привлечат кинески туристи.

Властите во Трир, град со 115.000 жители, ги отфрлаат овие обвиненија и кажуваат дека Маркс не може да биде обвинет зашто режимите ги искривиле неговите теории, се до сопственото уништување.

Источногерманскиот режим Маркс го сметал за Бог, а неговите зборови Евангелие. Тие целосно ги дискредитира неговите идеи и филозофија. Новиот поглед на Маркс не беше можен пред обединувањето, тврди Ост и додава дека случувањата по повод големата годишница од раѓањето, Маркс го прикажуваат објективно, ниту како херој ниту како злосторник.

Градоначалникот Волфрам Лиеб тврди дека ова е пригода повторно да се оцени човекот и неговото дело.

Поминаа 30 години од обединувањето… и тоа ни дава можност да гледаме на Маркс критично, но без предрасуди, вели Лиеб, кој лично смета дека Маркс треба да го заземе своето место како “еден од најголемите синови на овој град”.

Тој негира дека сака да ги привлече кинеските туристи, кои во Трир доаѓаат како на своевиден аџилак.

Трир годишно го посетува пет милиони туристи, а само еден процент се Кинези, додава тој, потенцирајќи дека градот не може да прими поголем број туристи и да и посака.

Карл Маркс создаде важни идеи за кои вреди да се размисли. Ако некој по посетата на нашиот град размисли за различните аспекти на она што Маркс го понудил, мислам дека сме постигнале многу, заклучува Лиеб.