
14-от Виз Ер Скопски маратон повторно ги урна своите рекорди со преку 10.000 пријавени од 58 земји од светот. Тие ќе ги заземат своите позиции на стартот на патеката на 6-ти мај во 08.30 часот и со самото свое учество уште еднаш ќе потврдат дека Виз Ер Скопски маратон е најпопуларниот спортски настан во Македонија и пошироко. Самата популарност на манифестација оваа година ќе е надградена со присуството на ексклузивната гостинка, светската рекордерка, Пола Редклиф.
Цела година жителите на Скопје ги гледаме растрчани низ градот, не само на денот на маратонот. Некои трчаат во парк, некои покрај Вардар, некои на тротоар. Ни преставува најискрено задоволство тоа што успеваме да ги обединиме сите тркачи и со нив да се дружиме барем еден ден во годината. На некои од нив тоа им е малку, па своите тркачки желби ги исполнуваат и на маратоните во странство. Таа промоција на Виз Ер Скопски маратон е најзначајна. Кога нашите тркачи посетуваат други метрополи и патеки и кога луѓето од другите држави од цел свет доаѓаат кај нас. Тука разменуваме многу интересни енергии и искуства кои никогаш не се забораваат, порача Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски маратон.
Виз Ер Скопски маратон константно се надградува и оваа година како дел од настанот се вклучија македонските радија, познати ДЏ-и, бендови и оркестри со цел да ја збогатат целата патека со музика и забава. Неодамна беше пуштена во употреба и новата мобилна апликација за Виз Ер Скопски маратон на која секој заинтересиран може да ги следи своите омилени тркачи во живо. Истата може да се симне на следниов линк:
https://play.google.com/store/apps/details?id=com.skopjemarathon
Во склоп на Виз Ер Скопскиот маратон ќе се одржи и Детски мини маратон во сабота, 05.05.2018, во 10.00 часот во општина Аеродром во парк „Авион“. Партнер на Детскиот мини маратон е УНИЦЕФ.