„Барселона„ и „Реал“ ги поделија бодовите на „Ноу Камп“

„Барселона“ и „Реал“ одиграа 2:2 на „Ноу Камп“ во кој тимот од Мадрид играше за престиж, откако Каталонците одамна ја освоија титулата. И вечерашното „Ел класико“ помина во многу нервоза, црвен и жолти картони, прекршоци и четири гола, а „Барса“ цело второ полувреме го одигра со фудбалер помалку.

Домаќинот тргна фуриозно и веќе во 10 минута поведе откако Серхи Роберто нафрли од десно, а на втората статива Суарез ја закова топката во мрежата на Навас. Четири минути подоцна слична ситуација по која Роналдо погоди за 1:1.
Португалецот со овој гол се изедначи со Ди Стефано по 18 постигнати голови против Барселона.
Во финишот на првиот дел Роберто поради неспортско однесување заработи црвен картон, па го остави својот тим на цедило во второто полувреме. Тој без потреба го удри Марсело без топка и судијата му го покажа патот кон соблекувалната, иако гостинскиот играч го испровоцира сонародникот и одглуми груб фаул. Само неколку минути пред тоа судијата не го санкционираше стартот на Бејл од грб врз Умити, за кој можеше да добие директен црвен картон.

„Барселона“ продолжи во вториот дел исто како и на почетокот од мечот како да игра со 11 фудбалери, па во 52 минута Лео Меси ги издрибла бековите на „Реал“ и од близина ја погоди мрежата. Останува спорно дали судијата погреши кога не досуди фаул во напад од Суарез пред да му ја нафрли топката на Аргентинецот. Шест минути подоцна играта ја напушти Андрес Иниеста, а речиси 100.000 навивачи на „Ноу Камп” со овацции го испратија шпанскиот виртоуз кој го одигра последното „Ел Класико” во кариерата.

Домачините имаа уште неколку сериозни шанси од контранапади да ја зголема предноста, но беа казнети во 72 минута со прекрасниот гол на Бејл од околу 20 метри. До крајот имаше обиди на двете страни, но мреќите останаа незатресени. „Реал“ второто полувреме го одигра без Роналдо, кој поради мала повреда остана на клупата.

По ремито „Барселона“ сега има 87 бодови од 35 натпревари, „Атлетико“ е втор со 75 бода и меч повече, а „Реал“ во 35 натревари има 72 бода.
Ако „Барселона“ не изгуби во последните три натпревари ќе постави нов рекорд во Примера како прва непоразена екипа во сезоната откако првенството се игра во формат од 38 натпревари.