
Тројна победа на маратонците од Кенија го одбележа одличното 14-то издание на Виз Ер Скопски маратон на кој учествуваа над 10.000 натпреварувачи. Виз Ер Скопски маратон- спортскиот празник на градот заврши со грандиозноста на Еванс Бивот кои го освои првото место на маратонот во Скопје. Истиот беше исполнет со одлична атмосфера благодарение на организаторите, поддржувачите и учесниците.
За истакнување е и резултатот на Андријана Поп Арсова, која го урна маратонскиот рекорд во женска конкуренција во Македонија. Најбрз на целта пристигна Еванс Кипкемои Бивок кој делницата на асфалтот низ главниот град ја мина со време од 2:14,08 часа. Нецела минута (+51 секунда) послаб резултат забележа неговиот сонародник Џон Лангат, а третото место го освои Хосеа Кипротич (2:28,58 часа). Александар Кираџиев ја оправда улогата на еден од неколкуте македонски адути кој заврши како петти (2:42,48 часа).
Во женска конкуренција најдобра беше Кенијката Џедида Карунгу која заврши со 02.51.24, пред Марија Врајиќ од Хрватска со 03.02.00 и Поп Арсова со 03.05.04 .
Ова беше прекрасен настан. Беше преубаво да се види толку голем број на среќни учесници. Имаше одличен натпревар и очигледно е дека сите со големо срце го сакаат Виз Ер Скопскиот маратон. Во однос на сѐ што дознав овие неколку дена видов дека темелите на овој маратон се удрени години наназад и дека самиот негов раст е неизбежен, истакна светската рекордерка Пола Редклиф.
Директор на Виз Ер Скопски маратон, Кире Синадиновски истакна дека маратонот е најтешкиот вид на атлетска трка во светот и поради тоа секое нејзино одржување претставува сериозен исчекор во развојот и одржувањето на дисциплината.
Ова се надградува и со Виз Ер Скопски маратон на кој низ годините учествуваа некои од најдобрите маратонци во светот. Оваа манифестација е најголемиот спортски настан во Македонија и пошироко, и секоја година се руши рекордниот број на пријавени. Ние веруваме дека спортувањето редовно се развива и дека е време поголем број на луѓе од Македонија да почнат да се подготвуваат за да се пријават на полумаратонското и маратонското натпреварување следната година, рече Синадиновски.
Тој додаде дека со години ги следат искуствата на светските метрополи и дека поради тоа Виз Ер Скопски маратон ќе продолжи со константното преземање на иновативни чекори со цел што поголем негов развој.
Во категоријата на македонски натпреварувачи на маратонот, освен Кираџиев, се истакнаа Марјан Бонев со 02.48.33 и Кокан Ајановски со време од 02.54.41, а од женските уште Биљана Кираџиева со 03.15.55 и Весна Кираџиева со 03.32.16. Овие одлични атлетичари од Македонија се натпреваруваат со години и претставуваат неизмерен поттик за секој што сака да се впушти во оваа дисциплина.
14-то издание на маратонот е под покровителство на Град Скопје, Делегацијата на Европската Унија и Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија. Скопски маратон традиционално се одржува по повод на Денот на Европа.